+389 2 3281 020 info@memo.mk

Интервју со Шутиноски-Поврзувањето со берзите на соседните земји и членки на ЕУ значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот пазар на електрична енергија и поголема флексибилност во тргувањето

28.04.2024 | Новости

Од 22 компании трговци со електрична енергија до 30 реномирани регистирани учесници на берзата на електрична енергија. За Националниот оператор на пазарот на електрична енергија- МЕМО, оваа бројка која е постигната за само една година откако беше реализирана првата аукција на електрична енергија е  само уште една потврда за успешност која значи обезбедување  сигурно место за тргување.

„Оттогаш на берзата се тргуваат количини на електрична енергија во секој час, седум дена во неделата и константно расте понудата и побарувачката што е добар показател за растот на една млада и мала берза на електрична енергија каква што е македонската“, рече во интервју за Локално, управителот на МЕМО Симон Шутиноски.

МЕМО напоредно превзема чекори во насока на поврзувањето со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија. Задоволен оддинамиката на развој која засега е солидна, Шутиноски верува дека и во иднина зацртаните  проекции и планови ќе бидат реализирани со поддршка на сите општествени чинители. 

Визијата на МЕМО е да понуди повеќе можности за тргување на локалните партнери преку спроведување на маркет каплингот со што би се овозможило  полесен пристап до прекугранични капацитети и оптимална работа на електро енергетскиот систем преку транспарентни цениПоврзувањето со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија, овозможува директен пристап до регионалните пазари, а тоа значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот пазар на електрична енергија како и поголема флексибилност во тргувањето со енергија, потенцира Шутиноски. 

Една година по почетокот со работа на македонската берза со електрична енергија, многу од претходно изразените дилеми добија одговори. Во меѓувреме, се зголеми бројот на учесници, па оттука и прашањето дали можеме да бидеме задоволни од досегашните придобивки?

Македонската берза на електрична енергија со која раковори Националниот оператор на пазарот за електрична енергија – МЕМО, успешно работи една година и придонесе кон модернизирањето на енергетскиот сектор во Република Северна Македонија. Започнавме на 10 мај 2023 година со 22 компании кои тргуваа со електрична енергија и сме горди што обезбедуваме сигурно место за тргување, сега веќе за 30 реномирани регистрирани учесници на берзата на електрична енергија.

Уште во првиод ден на тргувањето на берзата на електрична енергија имавме тргување во секој час од денот со што се постигнаа задоволителни количини на истргувана електрична енергија по реални пазарни цени. Оттогаш на берзата се тргуваат количини на електрична енергија во секој час, седум дена во неделата и константно расте понудата и побарувачката што е добар показател за растот на една млада и мала берза на електрична енергија каква што е македонската. 

Со формирањето на македонската берза на електрична енергија и функционирањето на пазарот ден однапред, всушност се направи клучниот исчекор во начинот на работење и разбирање на пазарот на електрична енергија на големо, со што се овозможи сите учесници да можат да тргуваат на транспарентен недискриминаторен начин, што е согласно единствениот европски организиран пазар на електрична енергија.

Што покажуваат бројките, колку струја се истргувала и која е просечната месечна цена?

Во aприл 2023 година, МЕМО го започна процесот на регистрација на учесници на пазарот ден однапред, а првата аукција за тргување со електрична енергија на пазарот ден однапред, се одржа на 10 мај 2023 година. Аукциите на пазарот ден однапред се случуваат на дневна основа и  резултатите се објавуваат секој ден во 10:45 преку самата платформа и на веб страната на МЕМО. За 2023 година просечните цени се движеа помеѓу 5000 и 6700 денари, додека максимална цена е забележана на аукцијата 28.08.2023 година во 20тиот час со постигната цена од 17.433,07 денари, а најниска цена е забележана на аукцијата 15.07.2023 во 6от и 7от час со постигната цена од 0,1 денари. За 2023 година просечно се истргувани 1430,66 MWh на ден.

Изразивте очекување дека првото спојување со берзите на соседна земја членка на ЕУ ќе се реализира до крајот на 2026 година. Од друга страна, како предуслов за реализација на два проекти за поврзување со берзите на соседните држави, останува потребата од усогласување на нашето законодавство со Европските регулативи, односно носењето на новиот Закон за енергетика како основа за тој процес. Дали досега направените чекори во оваа насока се со посакуваната брзина?

Неодамна, учествував на Панел дискусија во рамки на првиот Форум за Интеграција на пазарот на електрична енергија во Европскиот парламент во Брисел каде во фокусот беше маркет каплингот, поточно спојување со некоја од соседните берзи во регионот и членки на ЕУ.

Во оваа насока, МЕМО работи на два важни проекти. Северна Македонија беше првата земја во регионот што потпиша Меморандум за разбирање со Бугарија,  земја  членка на Европската Унија во 2018 година, во рамки на проектот воспоставен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница. Потоа, потпишавме и Меморандум за разбирање и работиме на регионален проект со поддршка на УСАИД за маркет каплинг или спојување на берзите меѓу Грција, Северна Македонија, Косово и Албанија. 

Главна цел е да го реализираме маркет каплингот со земја членка на ЕУ и да ја отвориме вратата за сите договорни страни на Енергетската заедница во начинот на спроведување на овој процес. За реализација на маркет каплинг проектите, предуслов е усогласување на нашето законодавство со Европските регулативи за што најважно е носењето на новиот Закон за енергетика како основа за тој процес. Потоа, ќе продолжиме со процесите во нашите проекти и очекуваме дека првото спојување со берзите на соседна земја членка на  ЕУ ќе се реализира  до крајот на 2026 година, согласно планот за интеграција на проектите за пазарно спојување на берзите на електрична енергија на ЕУ. 

Визијата на МЕМО е да понуди повеќе можности за тргување на локалните партнери преку спроведување на маркет каплингот со што би се овозможило  полесен пристап до прекугранични капацитети и оптимална работа на електро енергетскиот систем преку транспарентни цени.

Сите чекори кои досега се реализираат се согласно план и се резултат на посветената работа на МЕМО, поддршката на нашите партнери од EPEX- најголемата берза во Европската Унија и BSP- словенечката енергетска берза, како и на  поддршка од Владата, Секретаријатот на Енергетската заедница, УСАИД и сите чинители во енергетскиот сектор во Северна Македонија. Динамиката на развој засега е солидна и верувам дека и во иднина нашите проекции и планови кои сме ги зацртале ќе бидат реализирани, со поддршка на сите општествени чинители. 

Србија, Унгарија и Словенија ги обединија берзите за електрична енергија. Кои би биле евенуалните партнери на нашата држава на ова поле?

МЕМО започна со работа по издавање на првата лиценца од страна на Регулаторната комисија во октомври 2019 година. Периодот кој следеше беше исполнет со предизвици и светска енергетска криза која имаше влијание на нашето деловно работење.  Успеавме да го воспоставиме пазарот ден однапред и нашиот фокусот е во постигнување на ликвиден пазар и негово пазарно спојување. Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО континуирано вложува во раст и развој на компанијата, соработуваме со целиот регион на Западен Балкан и Европа, се со цел да обезбедиме најдобра услуга за нашите учесници. 

Покрај енергетските, кои се останатите придобивки од спојување на берзите? Каков би бил бенефитот за Македонија?  

Придобивките се повеќекратни за сите земји, бидејќи на тој начин  се зголемува сигурноста во снабдувањето, ликвидноста, се изедначува и олеснува меѓу граничната трговијата со електрична енергија со што се помага енергетскиот систем за оптимална распределба на преку граничните капацитети. 

Поврзувањето со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија, овозможува директен пристап до регионалните пазари, а тоа значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот пазар на електрична енергија како и поголема флексибилност во тргувањето со енергија. 

Важно е дека станува збор за соработка меѓу земјите членки на Европската Унија и земјите кандидати за членство. Тоа е уште една придобивка и чекор кон енергетската интеграција на Северна Македонија и на земјите од  Западен Балкан во Европската Унија.

Интервју со Шутиноски: Поврзувањето со берзите на соседните земји и членки на ЕУ значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот пазар на електрична енергија и поголема флексибилност во тргувањето

НОВОСТИ

Pin It on Pinterest

Share This