Врз основа на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република...
Ќе се подготви ли Македонија навреме за енергетското поврзување со ЕУ?
Симон Шутиноски, управител на МЕМО во изјава за Блумбер Адрија зборува за клучните аспекти кои следат за успешно поврзување на македонската берза на електрична енергија со берза членка на ЕУ.
Во продолжение ја пренесуваме анализата во целина:
Преку Унгарија, српскиот пазар на електрична енергија ќе се интегрира со европскиот до крајот на 2026 година. Српските власти уверуваат дека и покрај отворените прашања, целиот процес ќе заврши навреме и српската енергетика пред земјата ќе стане дел од Европската Унија.
Во целиот процес на интеграција на Србија со европскиот пазар на електрична енергија помага и спојувањето на Унгарската берза за струја Хупекс со Адекс – првата регионална берза на електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа, која во 2022 година ја формираа Србија и Словенија. Поврзувањето на Хупекс со Адекс треба да се случи во втората половина од годинава.
Интеграцијата на пазарите на електрична енергија е помогната од Европската енергетска заедница, а дел од проектот е спојувањето и на македонскиот пазар.
Подготвена ли е Македонија да ги заврши навреме обврските и до 2026 година да се интегрира со европскиот пазар на струја? Од Македонската берза на електрична енергија, МЕМО, велат дека досега успешно ги реализирале сите развојни проекти што се барале од нив во овој процес.
Преку Грција или преку Бугарија – како ќе се спојува земјава со европскиот пазар?
Главна цел на МЕМО е енергетското поврзување или маркет каплингот да се реализира преку соседна земја членка на Европската Унија. Во таа насока, Македонската берза работи на два проекта, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ управителот на МЕМО, Симон Шутиноски.
„Македонија беше првата земја што потпиша меморандум за разбирање за пазарно спојување помеѓу земја членка на ЕУ и земја аспирант за членство во Унијата. Тоа е проектот за маркет каплинг помеѓу МЕМО и ИБЕКС (IBEX) – берзата во Бугарија, кој почна да се реализира во 2018 година како проект воспоставен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница. Потоа, на крајот на 2023 година потпишавме меморандум за разбирање и работиме на регионален проект со поддршка на УСАИД за маркет каплинг или спојување на берзите на Грција, Северна Македонија, Косово и Албанија“, вели Шутиноски.
За да дојде до спојување, предуслов е македонското законодавство да се усогласи со европското. Основа за почнување на процесот е носењето на измените во Законот за енергетика, што најверојатно ќе се случи по конституирањето на новиот парламентарен состав. Преку него ќе се изврши транспонирањето на потребната европска легислатива, која е неопходна за пазарното спојување.
Има доволно време за целосно усогласување со ЕУ-директивите
Потоа би следувало спојување со берзите на соседна земја членка на ЕУ. Во овие процеси, според Шутиноски, земјава освен од Европската енергетска заедница поддршка добива и од Епекс спот (EPEX SPOT), европска берза на електрична енергија, и од БСП (BSP), словенечката енергетска берза.
На патот кон планираното пазарно спојување постојат неколку законски пречки. Освен измените во Законот за енергетика, кои не се донесени, има и други недостатоци што треба да се отстранат.
„Тука се вклучени многу фактори. Тоа се масивни проекти што бараат многу работа и методологии што треба да се усогласат меѓу секоја од земјите во кои се спроведува спојувањето. Тоа се однесува на усогласување помеѓу операторите на електропреносните системи, берзите на електрична енергија, регулаторите и министерствата, како и релевантните институции на ЕУ“, вели Шутиноски.
Тој е оптимист дека има доволно време за усогласувањето да заврши до 2026 година.
Зошто е важна интеграцијата?
Маркет каплингот би овозможил полесен пристап до единствениот европски пазар на електрична енергија со оптимална распределба на прекуграничните преносни капацитети, со што ќе се овозможи потранспарентно и конкурентно тргување со електричната енергија.
„Придобивките се повеќекратни за сите земји и учесниците на пазарот, бидејќи на тој начин се зголемува сигурноста во снабдувањето, ликвидноста, се изедначува и олеснува прекуграничната трговијата со електрична енергија и се овозможува пристап до единствениот европски пазар на електрична енергија“, објаснува Шутиноски.
Поврзувањето со берзите на соседните земји членки на Европската Унија овозможува директен пристап до регионалните пазари и единствениот европски пазар на електрична енергија, а тоа значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот пазар на електрична енергија, како и поголема флексибилност во тргувањето со електрична енергија.
Една година берза на струја
Македонија првата берза со струја ја доби лани. Првиот ден за аукции беше организиран на 10 мај 2023 година, додека прв ден на испорака беше 11 мај 2023 година.
Во согласност со информациите од веб-страницата на македонската берза на струја, заклучно со 2023 година имало 28 регистрирани компании за учество на пазарот ден однапред. Вкупната истргувана електрична енергија на пазарот ден однапред во 2023 година изнесува 335.471,1 MWh.
„Највисоката енергија изнесува 401,1 MW (мегавати) во 15 часот на 16.12.2023 година, додека најниската изнесува 0,2 MW и е во 24 часот на 2.8.2023 година. Највисоката цена 17.433,07 денари е во 20 часот на 28.8.2023 година, додека најниската цена изнесува 0,10 денари во 6 часот и во 7 часот на 15.7.2023 година“, се наведува во годишниот извештај.
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, ОКТОМВРИ 2024
Во октомври 2024 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
ПОДАТОЦИ ЗА ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, ОКТОМВРИ 2024
Во октомври 2024 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
МЕМО дел од конференција МАРЕС 2024 организирана од Македонско здружение за енергија од обновливи извори
Во организација на Македонско здружение за енергија од обновливи извори - МАРЕС, се одржа втората...
Податоци за истргувана електрична енергија на македонската берза –oктомври 2024
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
Состанок на членовите на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија
Во просориите на МЕМО, се одржа состанок на членовите на Одборот за организираниот пазар на...